Сингапур забележа најсилен економски раст во последните 11 години во вториот квартал од оваа година, компензирајќи го најлошиот економски пад забележан една година претходно, поради пандемијата.
Според прелиминарните проценки на Министерството за трговија и индустрија, оваа економија во Југоисточна Азија порасна за 14,3 проценти во вториот квартал од 2021 година во споредба со истиот период од претходната година.
„Силниот раст главно е резултат на ниската компаративна основа во вториот квартал на 2020 година, кога БДП падна за 13,3 проценти поради ограничувачките мерки воведени од 7 април до 1 јуни 2020 година“, се вели во денешното соопштение на Министерството, пренесува CNBC .
Сепак, во споредба со претходниот квартал, економијата на Сингапур се намали за 2,0 проценти, соопшти Министерството, додавајќи дека БДП во апсолутна смисла од април до јуни оваа година е сè уште за 0,9 проценти понизок отколку во вториот квартал на 2019 година.
Според претходните проценки на статистиката, производството на стоки во набљудуваниот квартал се зголеми за 22,2 проценти во споредба со претходната година, но се намали за 2,5 проценти во споредба со првиот квартал.
Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот
Индустријата за услуги порасна за 9,8 проценти на годишно ниво, а квартално падна за 1 процент. Клучниот производствен сектор порасна за 18,5 проценти во споредба со вториот квартал од минатата година, додека падна за 1,8 проценти во споредба со претходниот квартал.
Бројот на случаи со корона во Сингапур започна повторно да се зголемува оваа година, принудувајќи ја владата да ги заостри мерките на почетокот на мај. Властите започнаа постепено олеснување на ограничувањата минатиот месец, откако беше регистрирано намалување на бројот на инфекции во земјата.
Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот, со повеќе од 70 проценти од приближно 5,69 милиони луѓе во земјата кои примиле барем една доза од вакцината а над 41 процент се целосно имунизирани, додава CNBC, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство.