Португалскиот парламент усвои нови прописи за работа од дома со цел дополнително да ги заштити вработените кои својата работа ја вршат надвор од просториите на компанијата.

Новите правила се одговор на трендот на зголемен број луѓе кои работат од дома поради пандемијата на корона вирус, објави португалската влада.

Како што наведоа, се гледаат придобивките од работењето од дома, но потребно е прилагодување на законите за работни односи.

Новите прописи предвидуваат и казни за компаниите кои ја нарушуваат приватноста на персоналот или нивните семејства.

Дополнително, од работодавците ќе се бара на вработените да им ги надоместат трошоците поврзани со работата од дома, како што се сметките за струја или интернет.

„Компаниите треба да избегнуваат контактирање со работници надвор од работното време, освен поради вонредни околности. Најмалку на секои два месеци работниците треба да се среќаваат со надлежните за да се избегне изолација на работниците“, се наведува во новата регулатива.

Компаниите кои нема да ги почитуваат прописите се соочуваат со казни.

Одобрувањето на новите мерки е еден од последните чекори што ќе ги преземе парламентот пред распуштањето поради предвремените избори во јануари.