Од најголемата американска банка JPMorgan пристигнува предвидувањето дека биткоинот долгорочно би можел да скокне до 146.000 долари доколку нестабилноста се намали и институциите почнат да го претпочитаат повеќе од златото во нивните портфолија, пишува Business Insider.

Тоа е приближно 130% повеќе од моменталната цена на биткоинот. Во изминатата недела се движеше помеѓу 60.000 и 65.000 долари.

Биткоинот како конкуренција на златото

JPMorgan исто така верува дека биткоинот, се повеќе му конкурира на златото во вниманието на инвеститорите како заштита од инфлација, односно како нешто што ќе расте дури и кога инфлацијата ја поткопува вредноста на другите средства.

„Повторната загриженост од инфлација кај инвеститорите во текот на септември и октомври 2021 година се чини дека го обнови интересот за користење на биткоин како заштита од инфлација“, рече стратегот на JPMorgan, Николаос Панигирцоглу.

„Привлечноста на биткоинот како заштита од инфлацијата можеби е засилена со неуспехот на златото во последните недели да одговори на растечката загриженост за инфлацијата“, додаде тој.

Инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 13 години и порасна ширум светот.

Панигирцоглу, како аргумент за тоа дека „биткоинот ќе продолжи да се натпреварува за превласт над златото“ го гледа фактот дека милениумците стануваат се помоќни во светот на инвестициите.

„Со оглед на тоа колку е голема финансиската инвестиција во злато, секое такво истиснување на златото како алтернативна валута подразбира голем раст на биткоинот на долг рок“, рече тој, сугерирајќи дека на долг рок цената на биткоинот може да се искачи на 146.000 долари.