Вредноста на турската лира продолжи да паѓа – моментално еден долар е повеќе од десет лири. Турскиот претседател Ердоган не се откажува од намалувањето на каматите, убеден дека тоа е начинот да се запре падот на вредноста на валутата.

Обраќајќи им се на парламентарците, Ердоган рече дека ќе продолжи да се бори за намалување на каматната стапка. Според американскиот деловен портал Блумберг, властите под негов притисок ја намалиле оваа стапка, што резултирало со значителен пад на вредноста на лирата.

„Јас и тие што ги бранат каматите не можеме да бидеме на ист пат. Ќе го тргнеме товарот на каматните стапки од граѓаните“, рече турскиот претседател, повторувајќи дека високите трошоци за задолжување се главната причина за инфлацијата.

Зборувајќи за интензивниот политички притисок врз работата на Централната банка, тој одговори дека оваа финансиска институција самостојно ги носи одлуките. Сепак, според Блумберг, неколку вработени во банката останале без работа поради непочитување на неговите одлуки. Сахап Кавчиоглу е четвртиот гувернер на Централната банка од 2019 година.