Во моментов во Агенцијата за вработување на Република Македонија има над 7.000 слободни работни места, за различни позиции. Од нив околу 600 се за вработување на територија на град Скопје.

Потребно е разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании кои се лоцирани во различни региони и општини во државата. Финансиски службеници, комерцијалисти, наставници, сметководители, но и возачи, келнери, шивачи, работници во производство, обезбедувачи се само дел од профилите на кадар за кој се објавени огласи од страна на македонските деловни и неделовни субјекти.

Овие огласи се јавни и видливи и секое заинтересирано лице може да ги види на веб страната на АВРМ –avrm.gov.mk што претставува исклучително корисна платформа преку која значително се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа.

На оваа веб страна постојано се ажурираат податоците и граѓаните преку неа може да се запознаат со сите слободни работни места за кои се распишани огласи од страна на компаниите за нивно пополнување и е добра можност за лицата кои се невработени или пак кои бараат работа детално да се запознаат со моменталната состојба на пазарот на труд и доколку ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат на истите.