Државниот пазарен инспекторат ДПИ за една недела откри седум неправилности кај трговците со пелети, во засилените инспекциски надзори во пресрет на новата грејна сезона.

Директорката на ДПИ Анета Симеска Димоска информира дека од 22 до 28 јули годинава направиле 131 вонреден инспекциски надзор на трговци со пелети на целата територија на државата при што е утврдено дека продажната цена на пелетите се движи од 15 до 26 денари за килограм, со маржа од 8 до 65 отсто, и од 220 до 390 денари за вреќа од 15 килограми, односно маржа од 10 до 40 отсто зависно од типот на пелетите.

Дрва за огрев по солени цени, пелети „ни за лек“

Вкупната залиха на пелети кои ја утврдиле инспекторите изнесува 5.696.600 килограми, а капацитет на производство имало кај осум субјекти.

„Во овој временски период при инспекциските надзори утврдени се вкупно седум неправилности, за што се изречени соодветни санкции согласно големината на субјектот“, рече Симеска Димоска.

Во земјава има осум компании за производство на палети кои задоволуваат околу 20 отсто од потребите на домашниот пазар. Дури 80 отсто од потребите се задоволуваат од увоз.

„ДПИ и во континуитет врши надзори на сите производи за кои согласно методологијата на ризик се утврдува дека треба да се предмет на надзор. За огревно дрво имаме постапувано заедно со Министерството за внатрешни работи и со Државниот инспекторат за труд при што имаме констатирано и неправилности, но тоа се работеше во континуитет и по пријави од граѓани во текот на март, април и мај. За пелетите континуирано се работеше и беа предмет на надзор во планот за март по однос на квалитетот и декларациите“, прецизира Симеска Димоска.
Од Министерството за економија информираат дека лани од земјава биле извезени 550.085 килограми пелети во вредност од 103.704 евра. Во првата половина од годинава се извезени 237.330 килограми пелети во вкупна вредност од 49.787 евра.

Покрај тоа извезени се и 22.700 килограми огревно дрво или 28,4 кубни метри во вредност од 2.012 евра. Дозвола има за извоз на вкупно 96.000 килограми, односно за 120 кубни метри, но очекувањата се дека нема да се реализира поради забраната за извоз од страна на Владата воведена пред еден месец со цел да се заштити пазарот од недостиг на овие енергенси.

Од Владата најавија дека јавно ќе ги објават фирмите кои намерно кријат пелети и огревно дрво и создаваат вештачка криза. Дел од овие проблеми ќе се решаваат со нов закон за фер односи во стопанството кој е во подготовка.