Прва пресуда за лажен стечај во текстилниот сектор и победа на над 30-на текстилни работнички, објави на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. По две години од протестите пред конфекцијата „Алкон Текст“ и собирање на докази на правниот тим на „Гласен Текстилец“ пресудата ја донесе штипскиот Основен суд, со којашто управителот е виновен за кривично дело „Намерно предизвикување на стечај“. Заработи условна казна затвор од две години и парични глоби.

Се сеќавате и вие, бевте присутни на тие протести во кругот на фабриката, каде можевте да посведочите за нехуманиот однос на раководството на компанијата кон жени кои целиот работен век го поминале во тој објект, нема да речам фирма бидејќи се менувани имињата низ годините. За истата фирма побаравме помош и ги известивме сите служби, Трудов инспекторат, УЈП, Финансова полиција, МВР односно секторот за економски криминал а на крајот и ОЈО. Морам да истакнам дека имаше голема респонзивност од страна на УЈП и Државен инспекторат за труд, па дури и има кривична пријава од УЈП за даночно затајување, рече ампева.

Текстилните работнички сега преку граѓанска постапка ќе бараат да бидат обештетени за плати и придонеси за четири месеци, но и за отпремнина. Ампева најави дека планираат да покренат постапка и против стечајната управничка, која во документацијата не видела стечајна маса, што е на штета на работниците.

Да видеме како дошло до овој стечај. Зошто УЈП и ОЈО најдоа злоупотреби во документацијата, а не најде стечајната управителка. Знаеме дека стечајните управители во овие 30 години ретко кога преку стечајна маса подмириле оштетени работници, а ова ќе е уште еднаш пример да се сетат која е нивната работа, нивната одговорност, од кого се платени и зошто се платени, рече ампева.

Над 30 текстилни работнички пред две години протестираа пред фабриката, тврдеа дека од нив било барано да потпишат за префрлање во друга фирма. Меѓу работничките имаше и жени кои беа неколку месеци пред пензија, а без работа остана и една бремена текстилна работничка.