Иако во светски рамки правило е цените на хотелските услуги да се далеку пониски пред и по главната туристичка сезона, малку кој од хотелиерите на брегот од Охридското Езеро го применуваат тој начин на работење. Ова го тврдат дел од туристичките агенции, од каде што велат дека никако не може да се сфати дека најскапо е празното легло, што придонесува туристичката сезона да е премногу куса во охридскиот регион. Загрижува и тоа што и некои од сопствениците на апартмани веќе го прифаќаат тој начин на функционирање.

„Имаме понуда од хотели во Будва каде што ноќевање и појадок до јуни е 15 евра, дали можете да сфатите дека 15-20 евра е во приватно сместување, легло во апартмани. Значи, не може да биде разлика во цена во предсезона и главна сезона само 2 евра“, изјави Владо Суклоски, сопственик на туристичка агенција.

Има проблеми на релација хотели-туристички агенции. На тоа укажува податокот што од стотина македонски туристички агенции, Охрид како дестинација го продаваат само десеттина.

„Не можеш ти да работиш хотел само врз база на букинг, тоа не е суштината на туризмот. Букинг може да работат индивидуални и не можеш ти на букинг да одобруваш 15-20 проценти провизија, а на домашните агенции седум“, додаде Суклоски.

Покрај пандемијата високите цени на хотелско угостителските услуги придонесоа во Охрид да бидат затворени десеттина туристички агенции, бидејќи беше намален интересот за доаѓање надвор од шпицот на сезоната.

Тоа мора да се надмине, вели Суклоски, се разбира доколку сакаме годинава да ги достигнеме остварувањата од 2019-та година.