„Не добивме забелешки за новиот закон за енергетика, но ќе има многу придобивки од законот кој требаше да биде донесен кон крајот на 2023 година. Напорно работевме и го направивме овој закон кој има 317 члена. Со него ќе се формираат енергетски заедници преку кои граѓаните ќе можат да ставаат соларни панели и да се грижат за своите сметки за струја“, изјави Божиновска по денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Нагласи дека со ова законско решение првпат ќе се воведе методологија за да се утврди колкав е реалниот број на енергетската сиромаштија во земјава. Воедно, како што кажа, со новото законско решение МЕПСО ќе премине во сопственост на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и за првпат ќе се формализира постоењето на батерии за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Ќе има и одредба за е-мобилност, односно за полнење на електричните автомобили по разумна цена.
„Веќе почнавме да работиме на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија заедно со Министерството за социјална политика и со неа ќе можеме да ја знаеме точната бројка. Неофицијално во земјава има околу 50.000 броила кои се сметаат за енергетска сиромаштија, но сакаме да имаме точна бројка. Формирана е работна група и систематски работиме на детектирање на сите што се засегнати од енергетската сиромаштија и сме при крај. Ќе има неколку модели кои се уште не сме ги финализирале, но државата секако ќе им помогне“, рече Божиновска.
Со законските измени, додаде, во рок од седум години ЕВН ќе треба да ги смени постојните броила со смарт броила за да се спречи задоцнетото читање на сметките за што одлука ќе донесе Владата по донесувањето на законот.
„Воведуваме паметни мерни системи за точно мерење на потрошувачката, а отстрануваме и можноста броилата да не се читаат, што досега создаваше конфузија кај граѓаните. Секој потрошувач ќе може да го смени снабдувачот за само 48 часа, без трошоци за домаќинствата и малите потрошувачи. Ова значи поголема слобода – ако не сте задоволни од вашиот снабдувач, можете брзо да изберете друг, без бирократија“.
Законот им дава можност на граѓаните да формираат енергетски заедници. На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да го продаваат вишокот. Ова ги прави граѓаните активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи. Идејата е да имате контрола врз вашата енергија и да заштедите.
Таа потенцираше дека ја наследиле тешка состојба во енергетскиот сектор и додаде дека во 2017 година производната цена на АД ЕСМ била 37 евра за мегават час електрична енергија, а лани во јуни била 135 евра. “Тоа е енормно зголемување. Менаџментот на АД ЕСМ работи на намалување на производната цена. Ништо не може да направиме преку ноќ, бидејќи не е нешто за што има краткорочно решение.”
“Имаме подобрување во хидрологијата со оптимизација и паметно работење на службите во ЕСМ и сега е над 34 проценти. Ќе следат и ремонти, бидејќи не беа завршени на време. Три месеци е многу краток период за да видиме некои резултати, но до крајот на годинава очекувам дека ќе се направи консолидација на ЕСМ. Се надевам дека државата ќе направи се за граѓаните да немаат никакви ценовни шокови на следниот тендер, кој ќе биде на почетокот на втората половина од годинава,” заклучи Божиновска.