Хрватска пошта ја заврши 2024 година со рекордни приходи и добивка, потврдувајќи дека државното претпријатие може да биде успешно, модерно и ориентирано кон благосостојбата на вработените. Со остварени приходи од 322 милиони евра – што е раст од 19% во споредба со претходната година – и нето добивка од 31 милион евра (зголемување од дури 128%), оваа компанија претставува позитивен пример во регионот.

Она што особено се издвојува е односот кон вработените: просечната месечна плата е зголемена за околу 230 евра, достигнувајќи 1.270 евра нето. Иако бројот на вработени се намалил за околу 300 лица, поради рационализација и технолошки напредок, останатите околу 8.000 вработени добиле директна корист од успешното работење на компанијата.

Во остра спротивност, Македонски пошти се борат со хронична нефункционалност, загуби и влошени работни услови. Граѓаните сѐ почесто се жалат на доцнење на пратки, нефункционален шалтерски систем и лоша комуникација. Компанијата со години е финансиски нестабилна, зависна од државни дотации и без јасна стратегија за развој и модернизација.

Платите на вработените во Македонски пошти остануваат меѓу најниските во јавниот сектор, со просек далеку под националната просечна плата од околу 500 евра. Во услови кога Хрватска пошта бележи двоцифрен раст и стабилно ги наградува своите работници, македонскиот поштенски систем тоне во негрижа, политички кадрирања и неподготвеност за дигитална трансформација.

Дали сме сведоци на уште една добро позната стратегија на корумпираната бизнис-власт – намерно уништување на јавно претпријатие за потоа, под изговор на „реформи“, да се продаде за ситни пари на приватни интереси блиски до центарот на моќта?