Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, како што најави вчера, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом и ќе продолжи до Собранието и пред Владата, посочувајќи дека се бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра, почитување на колективните договори и зголемување на платите на вработените согласно придобивките од истите.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на протестот, бидејќи како што појасни вчера претседателот Благоја Ралповски, смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.
Трендафилов најави дека на протестот ќе се приклучат и други синдикати кои, потенцираше, застануваат на страната на работнички права.