За него е важно, како што додаде, номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари

Јавниот и државниот долг се најниски во последните пет години. Очекувам намалувањето да продолжи. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за неговите очекувања за намалување на нивото на јавниот и на државниот долг за време на неговата посета на Општина Кавадарци.

„Имаме ниво на јавен и државен долг во однос на бруто домашниот производ што е најнизок во последните пет години. Јавниот долг е околу 57,7 отсто од БДП, а државниот е 50,1 отсто. Како Влада имаме јасна стратегија, до крајот на мандатот овие параметри да ги сведеме на тоа, јавниот да биде под 55 отсто, зошто да не биде и под 50 отсто, а државниот да биде под 45 отсто, а можеби и под 40 отсто“,

рече тој.

За него е важно, како што додаде, номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари.

„Сега сме некаде на ниво од 17 милијарди долари за годинава. До крајот на мандатот очекувам да ги исполниме целите во делот на макроекономските показатели. Мислам дека тоа и ќе се случи. Следните месеци ќе објавиме и позитивни вести за македонската економија“,

кажа премиерот.

Министерството за финансии ги објави податоците за нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година.

Така, јавниот долг бележи намалување од 4,7 процентни поени во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7 отсто од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ.