Во дигиталното доба, сајбер измамите сè почесто се таргетирани кон корисници на финансиски услуги. Една од најчестите форми е phishing – измама со која преку лажни пораки се прибираат лични или финансиски податоци.

Замислете ја следнава ситуација: додека проверувате е-пошта, добивате порака со наслов „ИТНО: Вашата сметка е загрозена!“. Притисокот од пораката и нејзината формулација често резултираат со импулсивна реакција – клик на линкот за „спас“. Но, токму тој клик може да биде отворена врата за сајбер измамниците.

Како функционира phishing?

Phishing пораките обично изгледаат како да доаѓаат од легитимна институција, банка, пошта, интернет провајдер. Измамниците користат сличен визуелен идентитет (лого, боја, стил на пишување), за да ја добијат довербата на корисникот. Целта е прибирање чувствителни информации:

  • лични податоци
  • корисничко име
  • лозинки
  • ПИН
  • број на платежна картичка
  • CVV број
  • други лични сензитивни податоци

Некои phishing пораки водат кон страници што симулираат официјални веб-страници, но служат за внес и кражба на податоци. Други пак, инсталираат малициозен софтвер.

Како да ги препознаете?

Иако изгледаат убедливо, phishing пораките често содржат „црвени знаменца“:

  • агресивен тон со барање за итна реакција
  • линкови кои водат на сомнителни или нестандардни URL адреси
  • барање за внес на лични или финансиски податоци
  • правописни или граматички грешки

Како да се заштитите?

Најдобра заштита е внимание и смиреност.

  • Никогаш не внесувајте податоци преку линкови од сомнителни пораки
  • Секогаш пристапувајте до банкарските услуги преку официјалната веб-страница
  • Не отворајте прилози или линкови од непознати испраќачи
  • Редовно ажурирајте ги лозинките и користете двофакторска автентикација

Што ако веќе сте кликнале?

Не паничете, но реагирајте веднаш:

  1. Контактирајте ја вашата банка
  2. Променете ги сите релевантни лозинки
  3. Пријавете го случајот кај надлежните институции

Запомнете: Банките никогаш не бараат преку е-пошта или порака да внесувате лозинки, број на картичка, ПИН или други сензитивни информации. Ако нешто изгледа сомнително – веројатно е сомнително.