Германците работат од дома повеќе од вработените во други европски земји, се наведува во извештајот на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, спроведено меѓу вработени со факултетска диплома во 40 земји.

Според анализата, луѓето во Германија работат од дома во просек 1,6 дена неделно, додека глобалниот просек за вработени со полно работно време кои работат најмалку шест часа дневно изнесува 1,2 дена неделно.

Во Европа, Финска е единствената земја каде што повеќе се работи од дома отколку во Германија, а таму просекот изнесува 1,7 дена неделно.

Глобално гледано, работата од дома е најпопуларна во Канада, каде што на тој начин се работи 1,9 дена неделно, и во Велика Британија – 1,8 дена неделно.

Вработените во САД работат од дома во просек 1,6 дена неделно, исто како во Германија, додека оваа форма на работа е најмалку распространета во Јужна Кореја – 0,5 дена неделно, како и во Кина и Грција, по 0,6 дена неделно.

Во речиси сите земји, нивото на работа од дома е подеднакво високо кај мажите и жените.

Анкетата била спроведена од ноември 2024 до февруари 2025 година во 40 држави меѓу луѓе на возраст од 20 до 64 години.

Во Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД вкупниот примерок опфаќа повеќе од 2.500 испитаници. Во сите останати земји, вкупниот примерок опфаќа околу 1.000 анкетирани.