Преговараме со „Виз ер“ да ја отвори линијата Будимешта -Охрид. Сметаме дека таа е поатрактивна бидејќи охридското крајбрежје има што да понуди за туристите. Во меѓувреме развиваме нов модел на привлекување на нови авиолинии и сметаме дека тој модел ќе донесе најмалку десет, а потенцијaлно и дваесет нови дестинации, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во утринското интервју на Радио Лидер.
Според Николоски, сегашниот модел на субвенции на патници во доаѓање дава резултати, какко што вели, десет нови линии за неколку месеци. Со новиот модел сакаат да ги зголемат субвенциите.
– Со луѓето од министерството работам на нов модел, не сакам да ветувам но мислам дека ќе донесе најмалку десет, а потенцијално и до дваесет нови дестинации за краток временски период. Моделот е сакаме да ги зголемиме субвенциите. Во моментов плаќаме по патник во доаѓање за некој што би слетал во Скопје по 9 евра, а некој што би слетал во Охрид плаќаме по 12 евра. Подготвени сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време, но да го довршиме па ќе зборуваме за ова, рече вицепремиерот Николоски.
Како што информира Министерството за транспорт, се преговара со „Виз ер“ за воспоставување за авиолинија на Будимпешта со Охрид како поатрактивна во однос на скопскиот аеродром.
– Будимпешта – Скопје, беше единствената линија за која Виз ер добивале субвенции од унгарската влада, субвенциите завршија, за жал бројот на патници е мал и затоа таа линија се укина. Ние разговараме со компанијата Визер, бидејќи најголемата база им се наоѓа во Будимпешта, да отворат линија за Охрид. Мислиме дека ќе биде поатрактивна бидејќи туристичкиот потенцијал е далеку поголем, а во однос на комерцијална смисла, Будимпешта не беше атрактивна за Скопје бидејќи има две поблиски дестинации Виена и Братислава кон кои што се лета од Скопје, а од Македнија нема толку патници да се опслужуваат во радиус од два часа на три аеродроми, објасни вицепремиерот Николоски.
Тој потенцира дека чартер летовите на „Фрибирд” се силен инпут за зголемување на авиосообраќајот, а со тоа и директно за туризмот бидејќи секојдневно на скопскиот аеродром слетуваат по најмалку 180 туристи. Амбицијата, според вицепремиерот Николоски, е најмалку два чартери дневно на охридскиот аеродром.
– Амбицијата е следната година да слетуваат најмалку два авиони да слетуваат во Охрид, што значи дека секој ден ќе имаме по двесте нови туристи. Тие остануваат по најмалку 4 дена што значи имате по 800 туристи во охридското крајбрежје во неатрактивни месеци кои ги полнат хотелите, рестораните и чаршијата. Голем инпут е и „Туркиш ерлајнс“, број еден авиокомпанијата во светот, лета од најголемиот аеродорм во Европа за Охрид. Така што на охридскиот аеродром драстично се гледа разликата, рече вицепремиерот Николоски.
Како што посочи, имаме конекции кон 64 дестинации, од кои 56 од скопскиот и 8 од охридскиот аеродром, што, потенцираше, е сериозен успех на Владата и концесионерот ТАВ.