Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова, која е дел од македонската делегација која е во посета на Турција, остварила серија средби со претставници на турската Влада, Министерството за трезор и финансии и даночната администрација на Турција.
На средбата со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и директорот на турската даночна администрација Бекир Бајракдар била договорена нституционална соработка меѓу двете даночни администрации во насока на размена на информации за даночни ризици и заеднички даночни контроли.
Утврдена била потребата за идна соработка преку размена на добри практики и знаења, особено во доменот на дигитализацијата на даночните процеси и поддршка при јакнење на институционалните капацитети преку обуки и техничка соработка.
Директорката на УЈП истакнала дека соработката меѓу двете даночни администрации ќе овозможи продлабочување на соработката меѓу земјите со цел следење на даночните предизвици во глобално поврзаната економија.
„Длабоко веруваме дека во денешниот глобален економски амбиент клучна е блиската и координирана соработка помеѓу даночните администрации. Само преку размена на релевантни податоци, заеднички контроли и институционална поддршка можеме ефикасно да го заштитиме даночниот систем од злоупотреби и истовремено да изградиме предвидлива и правична средина за сите обврзници. Договорената рамка на соработка со турските институции претставува значаен чекор за заштита на даночните приходи на двете земји и заедничката борба против даночната евазија“, истакнала Петрова.
Делегацијата остварила средба и со турскиот министер за трговија Омер Болат, при што било разговарано за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди, како чекор кон унапредување на економските односи, привлекување инвестиции и зголемување на трговската размена.
Директорката на УЈП, Елена Петрова е дел од македонската делегација која учествува на Евроазискиот економски самит во Истанбул.