Од РКЕ истакнуваат дека лани само 10,63 отсто од потрошувачите биле исклучени од системот поради неплатени сметки, што е за 2,64 отсто повеќе во периодот од 2022 до 2024 година
Двојно повеќе приговори од граѓани и компании во однос на 2023 година, добила лани Регулаторната комисија за енергетика. Според Годишниот извештај на институцијата, лани до нив пристигнале вкупно 611 приговори и тоа од сите три групи потрошувачи, при што 468 приговори (76,6 отсто) се поднесени од домаќинствата, 13 приговори (2,1 отсто) пристигнале од училишта, градинки и факултети, додека 130 приговори (21,3 отсто) се од останати потрошувачи.
– Во споредба со 2023 година, вкупно поднесените приговори во 2024 година се зголемени за 49,4 отсто. Исто така видливо е дека 42,7 отсто од вкупно поднесените приговори се однесуваат за недоставена фактура, висина на фактура, начин на пресметка, висина на долг, пресметана камата, тужби, промена на потрошувач, промена на начин на плаќање, плаќање на рати, спогодби и двојно платени сметки како и сл., додека 19,8 отсто се однесуваат на приговори за квалитетот на греењето (пониска температура кај потрошувачот од пропишаната и сл.). Ваквата распределба на приговорите е различна во однос на 2023 година, кога биле поднесени вкупно 409 приговори. Врз основа на податоци и информации, добиени од универзалниот снабдувач со електрична енергија, домаќинствата во текот на 2024 година поднесувале приговори и тоа единствено за прашања поврзани со договори и продажба (нелојални комерцијални услови/промена во комерцијалните услови, недостаток на информации, потврда на договор, право на повлекување од договор, плаќање, влошување на услови за договор, минимален период за остварување договор, друго) – покажува Извештајот за 2024 година на РКЕ. Во споредба со 2023 година, бројот на поднесени приговори од домаќинствата e помал за 5 отсто.
Од РКЕ истакнуваат дека лани само 10,63 отсто од потрошувачите биле исклучени од системот поради неплатени сметки, што е за 2,64 отсто повеќе во периодот од 2022 до 2024 година. Или во бројки дури 98.272 потрошувачи лани се соочиле со исклучување, додека во 2022 година таа бројка била 71.839. Инаку, во 2024 година, Регулаторната комисија за енергетика нема поднесено ниедно барање за поведување прекршочна постапка пред надлежните органи. Од барањата за поведување прекршочна постапка поднесени во изминатите години, во тек е постапка само по едно барање.
Според Годишниот план за вршење надзор, за 2025 година се планирани вкупно 11 надзори на носителите на лиценци, од кои шест се од областа на електрична енергија, три се од областа на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт, еден е од областа на природен гас и еден е од областа на топлинската енергија.