Работниците во фабриките на американскиот производител на автомобили Форд во Келн најавија штрајк – прв во историјата на компанијата во Германија – поради најавените отпуштања, соопшти синдикатот IG Metall.

Штрајкот ќе започне во среда наутро и ќе трае до крајот на ноќната смена во четврток. Во него ќе учествуваат вработените во двете фабрики што постојат од 1930 година.

Управата на Форд планира да укине 2.900 работни места до 2027 година. Во Келн се наоѓа европското седиште на компанијата, каде што се вработени околу 11.500 луѓе.

Синдикатите ја обвинуваат управата дека нема јасна стратегија, што ја доведува во прашање иднината на работењето на Форд во Германија.

Бидејќи преговорите запнаа, минатата недела IG Metall за првпат организираше гласање меѓу вработените. Дури 93,5% од членовите на синдикатот се изјасниле за прекин на работата.

Можностите за самостојно одлучување во германската подружница се ограничени, бидејќи таа зависи од одлуките на матичната компанија во САД.

Форд веќе подолго време бележи загуби на европскиот пазар.