На нишкиот пазар кај Тврдината – најголемиот и најпрометен пазар во градот – годинава речиси и да нема цреши. За разлика од минатата пролет, кога тезгите беа преплавени со ова овошје, деновиве се продаваат само на едно место, и тоа по цена од 800 динари за килограм (околу 7 евра).
Причината – силниот пролетен мраз кој речиси го уништил целиот род во околината на Ниш.
„Имам 70 дрвја во селото, ама годинава ќе наберам едвај 100 килограми. Мразот ги уништи сите цреши во полето – останаа само неколку дрвја крај куќата кои беа засолнети. Донесов неколку килограми на пазар, и тоа е сè“, вели за локалните медиуми Батица Раденковиќ од село Матејевац.
Продавачите велат дека ретко кој купува килограм цреши.
„Сите бараат 200 или 300 грама – само за деца или за трудници, да им се мине желбата. За овие неколку дена, не сум продала ни еден килограм одеднаш“, раскажува Светлана Јовановиќ, продавачка на пазарот.
Праски и кајсии – луксуз на парче
Покрај црешите, на пазарот се појавија и првите кајсии, праски и нектарини. Но, и тие се реткост, а цените се речиси недостижни:
Кајсии – 800 дин/кг
Праски и нектарини – 700 дин/кг
„Купуваат по две-три парчиња. Само за три гајби кајсии од Грција платив 21.000 динари. Продажбата е слаба – за два дена продадов едвај три килограми. Со лубениците поминав подобро – поевтини се, 250 динари за килограм, и продадов речиси сè“, вели продавачот Вуја Милошевиќ.
Јагодите се засега најдостапното овошје, со цена од 400 динари за килограм, но и таа цена е висока за просечниот купувач. Родот е од пластеници, што го прави производството поскапо, а пазарџиите велат дека цената ќе остане иста сè додека не започне бербата на отворено.