Фискалната консолидација останува приоритет на Владата и нема да отстапиме од она што е дефинирано со фискалната стратегија. Кулминацијата ја достигнавме и сега ќе одиме кон намалување на јавниот долг. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во 360 степени во врска со влијанието на реализацијата на новиот инвестициски план врз нивото на јавниот долг.
„Буџетскиот дефицит минатата година беше 4,4% од БДП, оваа година е 4%. Јавниот долг во првиот квартал од 2025 година е најнизок во последните 5 години и првпат од 2018 година наваму бележи намалување во споредба со крајот на годината. Односно, од 2018 година наваму нема година освен оваа во која јавниот долг во првиот квартал е помал отколку на крајот на годината“, рече министерката за финансии и додаде дека долгот во првиот квартал е намален за 36 милиони евра, нешто што не се случувало во минатиот период. Таа потенцира дека задолжувањето е оправдано само ако има додадена вредност во економијата.
Во однос на повратот на ДДВ кон компаниите, министерката вели дека нема застој, дека се прават дополнителни анализи само кај компании за кои системот укажува дека има ризици.
„Нема доцнење во процесот на поврат на ДДВ кон компаниите и нема застој на она што доаѓа во МФ за исплата. Кај оние компании кои се добро етаблирани, немале никакви злоупотреби, исплатата оди како што е предвидено, но имаме проблем со другите компании“, рече министерката.
Таа потенцира дека со поддршка на Меѓународниот монетерен фонд и Трезорот на САД во Управата за јавни приходи се изговени одредени индикатори кои сигнализираат дали компанијата има одредени проблеми, односно дали може да е ризична, нешто што претходно не се работело. За тие компании, како што додаде министерката, за кои системот аралрмира одреден ризик се прават дополнителни проверки.
Димитриеска-Кочоска посочи дека во овој дел биле констатирани многу злоупотреби и дека е направена заштита на системот со многу милиони евра од злоупотреби. Во моментов, како што додаде, има истражни дејства за шест компании кои се поврзани со многу сериозни системи на злоупотреба на поврат на ДДВ.
За Стратешкиот договор со Обединетото кралство Димитриеска-Кочоска вели дека железничката инфраструктура и инвестиции во здравството, во износ од околу 2,2 милијарди евра, се два сигурни проекти од шесте милијарди евра финансиска рамка.
„Првиот циклус подразбира некаде околу пет години. Тоа значи дека две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата затоа што вие, да речеме, при реализација на железничката инфраструктура имате активирано повеќе македонски компании кои ќе работат. Значи, додадената вредност ќе биде поголема“, рече министерката.
Прашана зошто сега повторно се спомнуваат болниците во Штип и во Кичево со нови извори на финансирање кога тие веќе се дел од буџетот за оваа година, министерката одговори дека токму ова прашање е делумен одговор на тврдењето дека јавниот долг нема да расте така како што други го пресметуваат.
„Нам ни било буџетирано затоа што сме предвидувале дека ќе разговараме со други меѓународни финансиски институции кои ќе ги поддржат овие инвестиции. Во моментот се случија овие преговори со британската Влада, ги ставивме како пакет и можност да ги искористиме средствата од таму и да инвестираме во овие две болници што се веќе буџетирани. Е сега, мора да потенцираме уште една работа. Зголемувањето на долгот ќе оди етапно. Секоја година по колку што ќе влечеме од тие средства, така ќе го зголемуваме и долгот. Враќањето на кредитите ќе биде по одреден период. Во овој момент не сакам да дадам најпрецизен одговор зашто сè уште сме во преговори. Чекаме да се потпише најпрво меморандумот за соработка и да видиме како понатаму ќе се одвиваат работите. Ај да речеме дека станува збор за проектно финансирање. Конечно, како држава, да почнеме да се однесуваме како што секоја европска држава се однесува. Имате конкретен проект. Тука луѓето што користеле кредити, банкарите можат многу добро да ме разберат, имаме инвестиција за која знаеме колкав е периодот на изведба. Во тој период не враќаме ништо. Тоа е оној грејс-период за кој зборуваме. Потоа, ќе следи периодот на отплата. Колкав ќе биде периодот на отплата ќе покаже физибилити студијата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Во однос на влијанието врз јавниот долг, рече дека кога се инвестира во истовреме има и раст на БДП.
„Не може да очекуваме да имаме задолжување, а да немаме раст на БДП, и да имаме лоши проценти или зголемен јавен долг. Тоа можеше во минатото, кога непродуктивно се трошеа парите и имавме ситуации да правиме најразлични трансфери кон одредени јавни претпријатија и акционерски друштва“, рече министерката.