Основното и главно прашање е како ќе се враќаат овие пари, дали ќе донесат вистинска вредност или само ќе се билдаат долговите. Кога државата става потпис, тогаш не е проблем да се добијат странски пари, смета поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Стратешките партнерства со развиени и богати држави се добредојдени за малите економии, како што е македонската, но експертите се воздржуваат од посериозни анализи, бидејќи сè уште немаат доволно информации за парите што државата ќе ги добие од Велика Британија. Едно е заедничко во првичните коментари на Џевдет Хајредини, вториот министер за финансии во самостојна Република Македонија и на професорот и економски аналитичар Абил Бауш за „Слободен печат“ – а тоа е фактот дека ниту една земја не дава пари за џабе, уште повеќе кога станува збор за огромна сума од 6 милијарди евра?!
Стратешкото партнерство со Велика Британија, кое идната недела вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ќе го потпише во Лондон, е последно во низата што државата ги има ратификувано со други држави и организации. Премиерот Христијан Мицкоски се пофали дека вака ќе се вбризгаат сериозни средства во македонската економија, но барем засега непознати се условите под кои ќе ги добиеме овие британски пари. За Мицкоски, стратешкото партнерство ќе донесе револуција.
– Ова е договор што ќе донесе инвестициска револуција во државата, историски инвестициски циклус со кој Македонија ќе работи, ќе се гради, ќе се развива, ќе напредува – рече премиерот.
На новинарско прашање за јавниот и државниот долг со вбризгување на овие средства во економијата, тој рече дека очекува БДП да расте побргу отколку јавниот долг, односно да дојде до намалување на јавниот долг, бидејќи појасни дека станува збор за капитални инвестиции, а не за позајмување пари за трошења за социјални трансфери.
– Во градежништвото парите трипати се вртат, така што јас не очекувам некакви импликации во тие параметри уште повеќе затоа што првата фактура би требало да стигне во 2027 година. Ќе имаме грејс-период кога ќе можеме да се развиваме, да го растеме БДП. Така што, главно станува збор за историски момент за нашата економија и за бизнисот – објасни вели Мицкоски.
Откако министерот Николоски ќе го потпише Договорот, тој треба да биде ратификуван во македонската Влада и Собрание, но и во британските институции. Деталите од Договорот, условите за добивање на британските пари и начинот на инвестирање, се очекува да бидат познати кога тој ќе влезе во собраниска процедура.
Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, не е во ред да се прави реклама како парите веќе да се легнати на сметката, а сега само треба да почнеме да ги трошиме. Основното и главно прашање е како ќе се враќаат овие пари, дали ќе донесат вистинска вредност или само ќе се билдаат долговите. Кога државата става потпис, тогаш не е проблем да се добијат странски пари, смета тој.
– Денес богатите земји „пливаат“ во пари и ним не им е тешко да ги раздаваат оти во случајот гарант за нив е државата, ама народот ќе ги враќа. Не ни треба ново „Скопје 2014“. Македонија повеќе од 30 години остварува просечна стапка на раст на економијата од 2 насто. Тоа е најнизок раст од сите земји во регионот. Големите држави имаат пари колку што сакаат, но ние треба да знаеме дали нивниот интерес да дадат пари е во хармонија со нашиот, домашен интерес, затоа треба да се знае како и каде ќе се инвестираат тие пари, оти чиста загуба за државата е секое задолжување во странство да биде со каматна стапка повисока од растот на економијата. Но, што и да се случи, тие пари мора да се платат. Со години само земаме нови кредити, а најголемиот дел оди за враќање на претходно неисплатените долгови – поентира Хајредини.
И да земеме голем заем, тоа не би било проблем, под услов тие средства да се искористат продуктивно, односно да ја раздвижат економијата, согласен е и професорот Абил Бауш.
– Но, додека не видиме кој е планот на Владата како да ги искористи тие средства, тешко е да се предвиди како ќе се справиме со него. Сигурен сум дека никој не дава пари за џабе. Ако се потрошат на пример за брза железница, тоа би било за поздравување. Но, од друга страна, зошто мора да се задолжуваме, зошто државата не издаде обврзници? Така била изградена пругата од Митровица до Солун, значи предвид може да бидат и државните обврзници – предлага Бауш.
Премиерот Мицкоски викендов рече дека условите под кои ќе бидат достапни овие средства се најдобрите што некој може да ги има на пазарот.
– Ги знам отприлика бидејќи веќе се преговара со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што може да ги има на пазарот, но тоа сè уште не е завршено, не е конечно, иако сме блиску до решение. Многу скоро и тоа ќе биде објавено, репер ни е Еуролибор, и два фиксни параметри – грејс-период и долг период на отплата – рече Мицкоски.
Дел од парите, според него, ќе бидат за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 200 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетово.