Владата вложи исклучително многу во земјоделство, при што се вратија и старите долгови. Направен е голем чекор и со тоа што во првиот квартал од годината речиси за 5 отсто е зголемен извозот на земјоделски производи, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

– Во првиот квартал од оваа година, речиси за пет отсто е зголемен извозот на земјоделски производи. Кај тутунот се постигна историски рекордна цена, а и кај другите земјоделски производи. Но, исто така, и во овоштарството. Така што можам да кажам дека тука е направен голем чекор напред. Но, не застануваме тука – продолжуваме понатаму. Убеден сум дека во периодот што следува ќе постигнеме уште подобри резултати, бидејќи тоа влегува во бруто домашниот производ, и тоа е многу важно за да се развиваме во правилна насока. А ние, како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме земјоделците – истакна премиерот Мицкоски.

Тој информираше дека Владата вложила исклучително многу токму во земјоделство, при што се вратиле и старите долгови. Притоа изрази ветување дека Владата ќе продолжи со поддршката на земјоделците и во следниот период.

– Да, апсолутно. Исклучително многу вложивме и во делот на земјоделството. Кај земјоделците, навистина, се направија доста трансфери во изминатиот период и се вратија долгови од минатото. Веќе од оваа година ќе почнеме тековно да ги сервисираме обврските – рече Мицкоски.