Македонија ќе има на располагање заем од 6 милијарди евра од Обединетото Кралство, но точната каматна стапка сè уште не е позната, бидејќи сè уште нема конкретни проекти, изјави министерката за финансии Гордана Кочовска. Рокот за отплата на заемот е 10 години, а средствата ќе се користат постепено, по подготовка на секој капитален проект. Средствата ќе се повлекуваат кога ќе има конкретен план за финансирање, а британската влада ќе гарантира дека Македонија ќе ги врати парите навремено на комерцијалните банки.

Иако во Лондон сега е потпишан само меморандум за соработка, од Стопанската комора истакнуваат дека домашни компании ќе бидат вклучени во реализацијата на проектите. Бранко Азески, претседателот на Комората, симболично со британска шапка порача дека овие средства се добредојдена „инфузија“ за македонската градежна индустрија. Колку повеќе проекти ги добиваат домашните фирми, толку повеќе пари ќе останат во земјата, рече тој.

Досега е најавено дека со овие пари ќе се финансираат железницата кон Бугарија (дел од Коридор 8), болниците во Штип и Кичево, како и новиот Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Британската страна, велат од македонските власти, единствено е заинтересирана за каматата, без други политички или економски условувања.