На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути нагло падна, откако агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД, што предизвика пораст на приносите на американските државни обврзници.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела падна за 1,9 отсто, на 99,10 поени.

Истовремено, курсот на еврото порасна за 1,7 отсто, на 1,1360 долари.

Американската валута ослабе и во однос на јапонската, за 2,1 отсто, па нејзината цена потона на 142,55 јени.

Доларот е под притисок од пред десетина дена, Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од ААА на АА1 поради големиот федерален буџетски дефицит, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.

Јавниот долг на САД е околу 36,2 трилиони долари и може да се зголеми за уште 3,8 трилиони долари во следните десет години бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ги намали даноците.

Поради ова, приносите на американските државни обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.

Даночните намалувања веројатно би ја стимулирале потрошувачката и би го поддржале економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци.

Притисокот врз доларот се засили во петокот, кога Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.