Од нива до трпеза – долг е патот на еден производ до крајниот потрошувач. Граѓаните на земјава, која некогаш важеше за земјоделска постојано се жалат на високите цени. Агрономите, проблемот го лоцираат во увозната зависност, преполовеното производство и нерешената ситуација во синџирот производител – добавувач – купувач…
Прилепскиот агроном Филип Димкоски е и производител. Го почна градинарското производство. Македонија мора да се врати на земјоделското производство, вели, ако сака да јаде храна со прифатливи цени. Во моментов, цените на градинарските производи се над очекувањата и над џебот на потрошувачите. Увозната зависност, премалото производство ја зголемуваат цената, како и отсуството на стратегија. За десет години бројот на земјоделски производители е повеќе од преполовен.
Од надлежното министерство велат дека градинарското производство зависи од продажната цена. Добрата година го зголеми производството на 5 до 10 проценти. Влијаат субвенциите од 12.000 до 30.000 денари. Во последните три јавни повици, во Прилепско под концесија се издадени преку 2.000 хектари.
Цените на пазарот се драстично зголемени. И производителите и потрошувачите калкулираат да опстанат.