Фолксваген: 20.000 вработени заминуваат доброволно, најмногу преку предвремено пензионирање

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген соопшти дека околу 20.000 вработени веќе потпишале договор за доброволно заминување од компанијата, при што околу две третини од нив заминуваат преку програма за предвремено пензионирање.

Ова е дел од поширокиот план за намалување на трошоците, со кој компанијата планира до крајот на деценијата да укине вкупно 35.000 работни места, главно во фабриките во Германија, пренесува германскиот весник Bild.

Отпремнини до 400.000 евра

Отпремнините за засегнатите вработени ќе зависат од должината на работниот стаж, а во некои случаи можат да достигнат и до 400.000 евра по лице.

Менаџментот на Фолксваген и синдикатите на крајот од 2024 година постигнаа договор за пакет мерки за штедење, наменет за основниот бренд „Фолксваген“, со кој се предвидува намалување на трошоците за плати за 1,5 милијарди евра годишно.

Се кратат обуки, се замрзнуваат плати

Компанијата најави и дополнителни мерки: од 2026 година, бројот на нови места за обука годишно ќе се намали од сегашните 1.400 на само 600, а 130.000 вработени во брендот „Фолксваген“ ќе се соочат со замрзнување на платите, односно нема да има реално зголемување во претстојниот период.

Дополнително, пет отсто од нивните примања ќе се пренасочат во фонд за флексибилни работни модели, а годишниот додаток од 1.290 евра ќе биде укинат.

Синдикатот предупредува: Фабриките засега се безбедни

Германскиот металски синдикат IG Metall соопшти дека со постигнатиот договор за сега е избегнато затворање на фабрики, но предупредува дека останува неизвесно дали ваквото ветување ќе може да се одржи, со оглед на долгорочната криза во германската автомобилска индустрија.

Соочен со глобални промени, растечка конкуренција и забавена побарувачка, Фолксваген се обидува да ја одржи профитабилноста преку агресивна рационализација на трошоците – стратегија што има сè појасни социјални последици за илјадници работници во Германија.