Кинеската онлајн платформа за шопинг Тему, која го освои светот со своите ниски цени и огромен избор на производи, станува сè поприсутна и во Македонија. Основана во 2022 година од компанијата PDD Holdings, Тему станува дел од секојдневието и на македонските потрошувачи.

Според податоците од компанијата „Еко логистик сервис“ (ЕЛС), која ги испорачува Тему-пратките низ државата, интересот е во постојан раст. Од таму откриваат дека дневно испорачуваат околу 20.000 пратки, што значи приближно половина милион месечно, со тенденција бројката наскоро да достигне и до 1 милион пратки месечно.

Причините за овој бум се очигледни – евтини цени, широк асортиман на производи, како и лесен пристап преку мобилна апликација. Македонските потрошувачи најчесто купуваат гардероба, обувки, кујнски производи, декорации и ситна електроника.

Воедно, наскоро се најавуваат и новини: граѓаните кои досега можеа да купуваат производи до 22 евра без дополнителни давачки, ќе имаат можност да нарачуваат и поскапи производи до 90 евра, при што ќе се пресметува соодветен данок.

Со ова, Тему не само што ги менува навиките за купување кај македонските граѓани, туку и директно влијае врз домашната логистика и даночниот систем.