Производителите на автомобили ширум светот се соочуваат со сериозна криза поради новите рестрикции од Кина за извоз на ретки земни метали — материјали клучни за современата авто, електронска и воена индустрија. Најпрви аларм кренаа германските компании, чии производствени линии веќе трпат последици.

Кинеската влада во април воведе нов строг режим за извоз на овие критични суровини. Секоја поединечна пошиљка сега мора да добие специјална дозвола и да помине низ комплексна документација, што доведе до пад на извозот за дури 50%. Илјадници барања од европски компании останале неодобрени, со што се доведува во прашање континуитетот на производството.

Германската автомобилска индустрија – столбот на нивната економија – е особено погодена, бидејќи ретките метали се неопходни за изработка на компоненти како електромотори, сервоуправувачи и напредни осветлувачки системи. Слична загриженост покажуваат и компании од САД, Индија и Јапонија.

Некои компании, како добавувачите на „Фолксваген“, успеале да добијат дозволи, но целиот систем е премногу бавен за да одговори на индустриските потреби. Производителите сега размислуваат дел од производството да го преселат директно во Кина, каде што производството на електромотори и вградувањето на магнети би се извршувало на лице место, заобиколувајќи ги рестрикциите.

Во меѓувреме, се бараат и алтернативни добавувачи од Европа и Азија, но според индустриски извори, ниту еден не може да ја исполни побарувачката. Проблемот е особено сериозен кај електричните и хибридните возила, кои користат значително повеќе од овие материјали.

Иако е можно технолошко враќање на постари типови мотори без ретки метали, тоа е неекономично. Компаниите размислуваат и за елиминирање на некои луксузни функции од новите модели, како електрични седишта и премиум аудио-системи, како краткорочно решение.

Западот се обидува да ја намали зависноста од Кина, но тој процес е бавен и скап. Кина има 39 универзитети со специјализирани програми за индустријата на ретки метали, додека во Европа и САД таквите образовни установи речиси и да не постојат. Дополнително, строгите еколошки регулативи во ЕУ го отежнуваат создавањето на сопствена индустриска алтернатива.

Иако блокадата на извозот не е долгорочно одржлива ни за Пекинг, Кина најверојатно ќе го искористи ова како адут во трговските преговори – барајќи пониски царини, подобар пристап до западните пазари и укинување на санкциите за компаниите што користат кинески технологии.