Занаетчиите очекуваат намалување на сивата економија. Од Комората задоволни од покачувањето на средствата за мерките од оперативниот план за вработување. Најголем интерес би требало да има за мерката самовработување…

Занаетчиите заинтересирани за мерките од оперативниот план за вработување. Од Комората задоволни од покачувањето особено за самовработување. Ова е значаен поттик велат за самостојните вршители на дејност да ја формализираат својата работа. Очекуваат на овој начин да се намали нелегалната конкуренција. Појаснуваат дека податоците на агенцијата за вработување, покажуваат дека во претходните конкурси, најголем процент средства искористиле токму занаетчиите.

„Директно влијае во намалувањето на сивата економија затоа што тие што работеле бесправно односно тие што работеле нерегистрирани веќе аплицираат за да ја добијат оваа поддршка и мислам дека со тоа и се сузбива сивата економија од друга страна ние мора да потенцираме дека сивата економија не се сузбива само со мерки туку и со контроли на терен“, истакна Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на Македонија.

Контролите бараат од Занаетчиската комора да бидат ригорозни, бидејќи сивата економија велат носи сериозни последици за сите.

Занаетчиите и претходно бараа да се зголеми поддршката за отворање свој бизнис, укажувајќи дека треба да се направат категоризација и да се земе примерот од Хрватска.

Најновиот оперативен план за вработување, вреден 40 милиони евра, ќе опфати над 16 илјади невработени лица. Главно млади до 29 години.