Во салата на кино „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година. Пред голем број на граѓани претставниците од министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 20 јуни.

– Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување на две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица кои се заинтересирани да аплицираат во било кој од 30-те Центри за вработување при Агенцијата за вработување низ државата – кажа заменик-министерот Ристески.

На информативниот ден во Битола присутни беа градоначалниците на општините Битола и Новаци, Тони Коњановски и Стевче Стевановски, како и претставници на општините Могила, Ресен и Демир Хисар, кои ги поздравија мерките и апелираа до жителите на нивните општини да ги искористат понудените поволности и да аплицираат на јавните повици.

Во рамки на јавните повици од мерката 1 „Поддршка за самовработување (претприемништво)“, во тек се три јавни повици со кои се дава можност на повеќе од 1700 лица да отворат сопствен бизнис и со истите се предвидени:

– Финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и започнување на бизнис за лица постари од 29 години.

– Финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и започнување на бизнис за млади лица до 29 години.

– Финансиска поддршка за здружување на две лица во ДОО, каде истата изнесува од 14.000 до 20.000 евра, зависно од целните групи.