Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 12 проценти минатата недела, достигнувајќи го највисокото ниво од крајот на јануари, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето на Блискиот Исток по нападот на Израел врз Иран.
Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за 12,5 проценти на 74,25 долари минатата недела, додека на американскиот пазар, барелот се зголеми за 13 проценти на 72,95 долари.

Скокот на цените на највисоките нивоа од крајот на јануари е резултат на неочекуваниот израелски напад врз Иран во петокот.

Израел започна бран напади врз иранските нуклеарни постројки и фабриките за балистички ракети, за кои Тел Авив рече дека треба да го спречат Техеран да произведува нуклеарно оружје.

Иран одговори со напади врз цели во Израел, што сето тоа се заканува да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.

Трговците стравуваат за пратките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво. По силниот скок на цените на нафтата, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во петокот објави дека ја следи ситуацијата и дека е подготвена да пушти нафта од кризните резерви на пазарот, доколку е потребно.