Интересот за купување станови во Охрид не спласнува, а освен Скопјани купуваат и странци најмногу Турци, Германци, Италијанци…. Од агенциите за недвижности во Охрид за весникот ВЕЧЕР велат дека цената на новоизградените станови долж крајбрежјето и во центарот на Охрид достигнуваат рекордни 4.000 евра за квадратен метар. Становите што се продаваат во постарите објекти, зависно од локацијата и состојбата во која се наоѓаат, можат да се најдат од 1.000 евра па нагоре. Најголем интерес има за становите кои имаат помала квадратура, односно оние со површина од 30 до 50 м2, кои освен за живеење, најчесто се користат како викенд-станови за одмор и привремен туристички престој. Овие станови се помалку застапени во понудата, па и најбрзо се продаваат
Во Охрид се гради на големо. Охридскиот регион станува се поинтересен за инвеститорите во станови. Трендот кој започна пред две години сѐ уште трае. Ова го потврдуваат и статистички податоци, според кои само во април инвеститорите од овој регион добиле одобренија за изградба на 232 стана. Од Агенциите за недвижности во Охрид велат дека и покрај високите цени има интерес за купување. Освен Скопјани, во Охрид последниве години станови купуваат и странци, најмногу Турци, Германци, Италијанци…
Цената на новоизградените станови долж крајбрежјето и во центарот на Охрид достигнуваат рекордни 4.000 евра за квадратен метар. Во новоградбите во централното градско подрачје квадрат станбен простор моментално може да се купи и по цена од 1.500 до 3.000 евра.
– Во Охрид многу се гради, а цената на квадратот е во постојан раст. Причината за тоа е големата побарувачка на станови која ја диктира и цената на пазарот. Цената на метар квадратен во новите згради кај Билјанини Извори се движи околу 1.400 евра во градба. На влезот во Охрид, кај бензинските пумпи, цената на квадратот во градба е од 1.300 до 1.400 евра. Додека во центарот на градот кај општината се нешто поскапи и таму цената на квадратот е околу 3.000 евра. Најскапи се становите кои се во непосредна близина на хотелот „Јуник“, во близина на Холандскиот парк, на кејот на Охридското Езеро, кои се продаваат по 4.000 евра за квадратен метар во фаза на градба – изјавија за весникот ВЕЧЕР од една Агенција за недвижности во Охрид.
Становите што се продаваат во постарите објекти, зависно од локацијата и состојбата во која се наоѓаат, можат да се најдат од 1.000 евра па нагоре. Побарувачката на станови во Охрид далеку ја надминува понудата, што секако се рефлектира на пораст на цените.
– Цените се такви затоа што има побарувачка. Годинава малку падна интересот за разлика од претходните две години, но сè уште се бараат станови. Поради тоа се очекува трендот на раст на цените на становите во Охрид да продолжи. Најбарани се гарсониерите кои ги нема и се најскапи. Старите гарсониери се продаваат по 2.000 евра за квадратен метар. Додека, пак цените на старите станови во зависност од локацијата чинат од 1.200 до 1.500 за квадратен метар. Нешто поевтини станови може да се најдат кај болницата во Охрид, каде што цената на квадратот во градба е 1.200 евра – велат од Агенцијата за недвижности.
Од 2020 година до денес цените на становите во Охрид се покачени за околу 100 отсто, односно се двојно повисоки. Овој драстичен пораст на цените покрај на огромната побарувачка се должи и на инфлациските движења, пораст на цените на градежните материјали, недостатокот на работна сила….
Најголем интерес има за становите кои имаат помала квадратура, односно оние со површина од 30 до 50 м2, кои освен за живеење, најчесто се користат како викенд станови за одмор и привремен туристички престој. Овие станови се помалку застапени во понудата, па и најбрзо се продаваат. Најбарани за купување се становите и апартманите на поатрактивните локации како централното градско подрачје, долж охридската ривиера и оние со поглед на езеро, чија цена се движи и до 4.000 евра за квадратен метар.
Последните податоци на Државниот завод за статистика за издадени одобренија за градба покажуваат дека инвеститорите се повеќе го избираат Охрид за градење станови. Овој регион е втор по бројот на станови кои се градат или ќе се градат.
Според официјалните статистички податоци само во април инвеститорите од Охридскиот регион добиле одобренија за изградба на 232 стана. Но, Скопскиот регион и натаму е најпривлечен за инвеститорите кои добиле одобренија за градење на 266 станови, додека, пак, како трет регион каде што се интензивира станоградбата е Полошкиот Регион. Таму инвеститорите во април добиле одобренија за изградба на 125 станови.
Охридскиот е втор и по бројот на издадени одобренија за градба 74. Скопје е на прво место со 89 издадени одобренија за градба, а Полошкиот Регион е трет со 62 одобренија за градба издадени во април.