Здружението Инжинери на Македонија повторно се огласи по претставката што ја поднесе на 29 мај, кога во сила стапи новиот Закон за енергетика.

Од тука велат дека добиле одговор од Регулаторната комисија за енергетика кој е типичен пример на институционална покорност пред енергетскиот оператор ЕВН и очигледен доказ за нефункционирање на регулаторниот систем во заштита на јавниот интерес.

„Во нашата претставка баравме итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, затоа што е во директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика. Дополнително побаравме итен вонреден надзор над ЕВН. Баравме РКЕ да упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат незаконски издадени фактури. Баравме да се повика ЕВН на одговорност за континуираното прекршување на законските и договорните обврски“, велат инжинерите.

Суштината на нивната претставка беше да истакнат дека мерењето на потрошената енергија е технички процес што го изведува мерниот уред, а отчитувањето е акција на операторот за прибирање на тие податоци. Се потенцира дека без отчитување, не постои правна основа за реална фактура. Сѐ што се фактурира без реален податок од мерниот уред, освен ако уредот е технички расипан, е спротивно на Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за облигациони односи и самиот Устав.

„Во одговорот што го добивме наместо Регулаторната комисија да ја суспендира примената на членот 31, кој дозволува паушално фактурирање дури и кога има валиден измерен податок, таа тврди дека тој член останува во сила сè додека не се донесат нови подзаконски акти, иако истиот е очигледно спротивен на член 185 од Законот. Со тоа, РКЕ свесно го крши уставното начело според кое секој пропис мора да биде во согласност со закон. Подзаконски акт кој е спротивен на закон автоматски ја губи правната сила. Уште пострашно е што Комисијата во својот обид да го оправда системот, се повикува на обврски на МЕПСО (операторот на преносниот систем) иако темата на претставката се однесува на мерење и фактурирање кај домаќинства, што е исклучива надлежност на ЕВН Електродистрибуција и ЕВН Хоум, универзалниот снабдувач. Ова или укажува на неспособност за разбирање на правната и техничката структура на енергетскиот систем, или на намерно заматување на одговорноста, а патем еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката“, велат од Здружението додавајќи дка регулаторот дури отворено признава дека се обратил до Министерството за енергетика за „мислење“, како да е некаков пасивен извршител без самостојна надлежност.

Потсетуваат дека Регулаторната комисија, според член 46 од Законот е независно тело кое има целосна обврска да постапува по закон. Толкување на закони може да даде исклучиво Собранието. До тогаш, законот се применува таков каков што е. Барање мислење, според нив, не е основ за продолжена примена на незаконска пракса.

Оценката е дека со ваквото однесување, РКЕ ја погазува својата основна функција. Наместо да врши надзор над пазарот, како што ѝ е наложено со член 55 од Законот, таа активно го толерира кршењето на правата на потрошувачите, ја штити компанијата што има доминантна позиција на пазарот и дозволува нејзината волја да биде над законот.

Бараат веднаш да се суспендира примената на членот 31, да се покрене вонреден надзор над ЕВН и да престане практиката на фактурирање врз основа на измислена, непроверлива потрошувачка. Најавија и други граѓански мерки за да се спроведе законот.