Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски изјави дека до 11 или 12 јули ќе биде пуштена во употреба делницата од Врбјани до Охрид, со прекин кај Ботун, каде како, што појасни има големи косини, кои треба да се санираат, со што, како што претходно најави и премиерот Христијан Мицкоски првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид ќе бидат пуштени во употреба следниот месец.

„Граѓаните, туристите, сите оние кои доаѓаат, возат, во Охрид или се враќаат оттаму ќе можат да возат по нов асфалт. Прекинот кај Ботун е поради тоа што патот би требало да биде од десна страна на Ботун, а таму има големи косини, големи свлечишта, кои треба да се санираат. Свлечиштата кај Ботун се врзани со останатите свлечишта кај Кичево, од Кичево до Врбјани. Ние интензивно работиме со Градежниот факултет, работиме со Кинезите, се правеа геоистраги, се правеа околу шест и пол километри бушења за да се добие составот на земјиштето на овие овие косини, бидејќи тие во добар дел се нестабили. Овие геоистраги се при крај, околу 40 отсто се веќе завршени. Врз основа на нив проектантите проектираат модели и типови на заштита на тие косини, на стабилизација, рече Трајановски за Сител.

За тоа кога ќе се реши проблемот кај Ботун, Трајановски нагласи дека денеска ќе имаат важен состанок, а целта е да се одреди типски модел на заштита на тие косини и најверојатно ќе се оди со галерии. Тој истакна дека има околу 14 попроблематични косини, како и околу 21 кои не се толку проблематични, а треба да се заштитуваат и смета дека во текот на оваа година најголемиот дел од нив ќе бидат заштитени.

До крајот на месецот се најавува и пуштање во употреба на експресната делница Дреново-Фариш, каде ЈПДП работи на остранување на опасните карпи. Трајановски истакна дека само на две косини биле извадени 27 илјади метри кубни земја за да можат два метри лево и десно од асфалтот да се добие рамна површина.

„Тоа е веќе решено, се прават завршните зафати и се надевам дека некаде веќе кон крајот на мсецот ќе ја пуштиме и таа делница за среќа, радост, задоволство на сите нас, пред се на прилепчани, битолчани, ресенчани сите кои патуваат во тој дел на Македонија, рече Коцевски.

Во однос на коридорите 8 и 10 д, кои ги градат „Бехтел и енка“ во вкупна должнина од 109 километри, Трајановски изјави дека е задоволен од интензитетот на работа, нагласувајќи дека се надминуваат проблемите со имотно-правните односи.

„Кога дојдов почнавме со интензивно темпо, ние сме веќе секогаш пред „Бехтел и енка“ со експропријацијата, не сме кочничари, јавно кажаа дека ЈПДП и Република Македонија не се кочница. Сега се оди на проектирање, дизајн и можам да кажам дека интензитетот и темпото се веќе добри и мислам дека во предвидениот рок, можеби со мало задоцнување, овој пат ќе биде направен, рече Трајановски.

Во врска со тоа колку е издржано задолжувањето за брзата пруга Табановце-Гевгелија, Трајановски нагласи дека тоа е во надлежност на Министерството за транспорт и Александар Николоски и додаде дека не би сакал да дава оценка, но напомена дека нам ни е многу потребна оваа пруга, особено до Солун и Белград, како за бизнисот, така и за туризмот, бидејќи сме на трансферзалата, која ги поврзува Европа и Грција.