Премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема значителни отстапувања со цените на пазарот. Идејата на Владата, според неговите зборови, е инфлацијата да се движи меѓу два и три проценти, додека платите да имаат пет до шест проценти нето реален раст.
Во интервју за националниот сервис, Мицкоски изјави дека се сложува со граѓаните дека животот е скап и тежок, но потенцира дека тоа не е проблем кој на настанал неодамна, туку е присутен со децении.
Тој додава дека клучниот момент е дали како потрошувачи сакаме да бидеме еднакви учесници во овој процес со продавачите на целиот асортиман, во смисла доколку декларираното не е точно, да го пријавиме, бидејќи, како што нагласува, имаме каде да го пријавиме.
“- Тоа што го правевме беа ад хок решенија, некои од експертите критикуваа, но факт е дека кога ги нудевме тие решенија инфлацијата се намалуваше. Сега оставивме еден месец малку се зголеми, но повторно е над 3 проценти. Ние сакаме да биде меѓу два и три проценти, тоа е нашата цел бидејќи сакаме платите што просечно би растеле девет-десет проценти кога ќе се одземат од инфлацијата да имаат барем пет-шест проценти нето реален раст. Тоа е нашата замисла.”
„Тоа како Влада можеме да го направиме, со контроли, политики, обезбедување здрава бизнис средина, да нема политички притисоци, да нема политичко рекетирање, со мерки кои ќе ги преземеме, дали тоа ќе бидат ад хок, со покачување плати во рамките на можностите, на економијата. Тоа е тоа што ние можеме како Влада да го направиме”, рече Мицкоски.
Тој додаде дека работите не може и нема да се променат преку ноќ. “- Ви гарантирам дури и просечната плата да е над 1000 евра повторно ќе се живее тешко и скапо и тоа не можете да го промените но може да го ублажите. Како Влада тоа го правиме и ќе продлжиме тоа да го правиме.”
Во моментов се анализира пазарот и, според него, нема големи неправилности, но ќе се следи ситуацијата. Тој не се согласува со информациите дека доматите се 120 денари, бидејќи можеби биле толку пред неколку недели.
Мицкоски изјави: „Го следиме процесот и се бориме, нема инстант резултати, но дека е подобро е подобро“. Тој информираше дека се работи и на најавената апликација за споредба на цени во маркетите. “- Треба софтверско решение. Згрешивме во уредбата што им оставивме на маркетите со ворд документ конвертиран во пдф да залепат илјадници артикли на веб страна и да речат еве ние го исполнивме тоа што се бара со уредбата на Владата. И тоа е трик, не знам зошто имаат потреба да се служат со трикови, не сме ние глупави. Нашата цел беше да биде добро и за нив и за граѓаните“, наведе премиерот, посочувајќи дека поради тоа ќе се направи софтвер кој ќе биде бесплатен.
Премиерот исто така се осврна и на мерките во земјоделството, соопштувајќи дека се исплатени над девет милијарди денари заостанати и тековни субвенции за земјоделците и оти се стимулирани повисоки откупни цени. Според него, за разлика од минатото кога владата се договарала со откупувачите и им дозволувала монопол, оваа Влада не се договара со откупувачите и како што рече, ги притиска да им дадат повисоки цени на земјоделците.
“-Ако забележите една работа којашто е многу важна ќе видите дека импутот е 5 пати помал од аутпутот и тоа го објавува Завод за статистика, јас ги следам тие параметри бидејќи ми се многу важни да знаеме што правиме. Тоа е важно бидејќи во аутпутот порано, ќе се договорат со откупувачите, нема да ги притискаат откупувачите, откупувачите ќе си направат своевиден монопол и ќе им понудат на земјоделците, таа е цената, ако сакаш, ако не нека ти скапува на нивата. Е ние сега обратно правиме. Ние не се договараме со откупувачите и ги притискаме за повисока цена да им дадат на земјоделците. Затоа ми се битни импутот и аутпутот. Импутот се трошоците коишто учествуваат во производниот систем на земјоделецот, а аутпутот е цената по којашто тие го продаваат производот. Според последните параметри импутот беше зголемен некаде за 2 процента, а аутпутот за 11 проценти што е повеќе од 5 пати”, рече Мицкоски.