Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган објави дека Турција има вложено 300 милијарди американски долари во транспортни иницијативи, што ја позиционира државата како критичен геостратешки центар.
Во своето обраќање на Глобалниот форум за транспортна поврзаност, кој се одржува во Истанбул, Ердоган појасни дека од вкупниот износ на вложувањата, 177 милијарди долари се насочени кон патниот транспорт, 64 милијарди во железничката инфраструктура, 25 милијарди во авијацијата, 4 милијарди во поморскиот сектор и 25 милијарди во телекомуникациските системи.
Според него, овие инвестиции придонеле за економски развој од 1,064 трилиони долари и отворање на нови работни позиции. “Поврзавме 77 окрузи со патишта, изградивме над 30,000 километри патишта, должината на тунелите порасна од 50 на 790 километри, а на мостовите од 311 на 799 километри”, изјави Ердоган.
Тој додаде дека Турција сега се гордее со 2,251 километар железнички линии за брзи возови и 11,668 километри реконструирана железничка мрежа. “Бројот на аеродроми се зголемил од 26 на 58, а дестинациите достапни од Турција од 60 на 353. Истанбулскиот аеродром за пет години опслужил 32 милиони патници”, потенцираше Ердоган.
Ердоган ја нагласи и улогата на Турција во заживувањето на „Патот на свилата“ преку „Средниот коридор“, кој нуди значителни предности во однос на другите видови транспорт. “Проектите со Кина за овој коридор ќе создадат 144,000 работни места”, рече тој. Тој исто така истакна дека Турција овозможува пристап до 67 држави и 1,5 милијарди луѓе со четиричасовен лет, а економскиот потенцијал во регионот надминува 51 трилион долари.
Форумот, на кој учествуваат претставници од 70 држави, претставува прилика за промоција на турската транспортна визија и зајакнување на соработката во дигитализацијата и транзитот на стоки.