Банките ги разгледуваат тарифите за можноста за намалување на провизите на одредени услуги, по барањето што го упати минатата недела гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во Македонската банкарска асоцијација (МБА). Претседателката на МБА, Маја Стевкова Штериева денеска изјави дека тоа е индивидуална одука на органите на управување на банките, а упати и на ветувањето од Народната банка за намалување на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
„Да, на состанокот кажавме дека сите опции ќе бидат разгледани. Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш тоа е индивидуална одлука на секоја банка односно на органите на управување на банката. Пред се, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет на страната на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција. Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време очекувам дека ќе реагираат“, рече Стевкова Штериева, на новинарско прашање на настан по повод доделување награди на макеоднските ученици кои освоија второ место на Европскиот квиз на пари.
Гувернерот Славески на средбата со претставниците на МБА минатата недела рече дека очекува во најкус можен рок банките да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Најави дека на тоа ќе претходи намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет.
Славески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќања можат да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора да се потпира повеќе на готовина.