Народната банка во првата половина од 2025 година продолжи со засилени активности во доменот на финансиската едукација со што придонесува за подигањето на финансиската писменост и финансиската вклученост на населението во нашата земја.
Во првата половина од 2025 година, беа одржани вкупно 39 едукативни предавања на кои беа присутни 1.059 учесници, наспроти 28 предавања во истиот период од минатата година кога беа опфатени 870 ученици, студенти, наставници и професори, како и деца од предучилишна возраст.
Предавањата се изведуваа на македонски, албански и на англиски јазик (за студентите од странство). Учениците, студентите и менторите коишто ја посетија Народната банка имаа можност да го посетат и Музејот на Народната банка.
Покрај предавањата, Народната банка организира активности во рамките на Глобалната недела на парите, во чии рамки се одржа обука за наставниот кадар од основните и средните училишта, на темите: „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“ (Think before you follow, wise money tomorrow), „Управување со ИТ-ризиците во банкарски сектор и најчести типови на измами во дигиталниот свет“ и „Инфлуенсери: комуникациски тактики, емоции и регулативи“. На наставниците и професорите коишто зедоа учество на вебинарот им беа пренесени знаења, со што беше овозможено тие да одржат наменски презентации за своите ученици. Како резултат на одржаната обука за обучувачи, наставниот кадар одржа предавања за 2.622 ученика. Воедно, во рамките на Глобалната недела на парите беше спроведен и едукативниот квиз преку објавување прашања на социјалните мрежи на Народната банка и беше одржана работилница со учениците од средните училишта.
Народната банка ќе продолжи со спроведувањето активности за подигање на финансиската писменост во земјава, бидејќи во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението.