Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат, рече Мицкоски на настанот настанот „Демоградски трендови, предизвици и можни решенија“.

Владата размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, изјави премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на настанот „Демоградски трендови, предизвици и можни решенија“ денеска во Скопје, без да образложи.

„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски зборувајќи за демографската рецесија во земјава за која рече дека е аларм.

„Овој проблем од претходните влади се ставаше под тепих и не се гледаше на него како на сериозна закана. Фактите се јасни: Во 2024 година, се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители- како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево, Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024, Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири. А кога велиме дека ‘ги рушеа темелите’, не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада. Мислевме и на ова. На рушење на семејството. На губењето на иднината. На иселувањето како единствена опција“, рече Мицкоски и додаде „Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“.

Според Законот за семејство: „Заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница“. А исто така и „Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивeн заеднички имот. При делбата на тој имот соодветно се применуваат одредбите за делба на заедничкиот имот на брачните другари“.

Во развиените земји неофицијално постои таканаречен „данок за самци“, но ова не е официјален данок што се плаќа некому конкретно. Едноставно се однесува на повисоките трошоци со кои се соочуваат самците во споредба со паровите или семејствата.