Долгooчекуваната платежна услуга Apple Pay наскоро ќе стане реалност и за корисниците во Македонија. Компанијата Apple веќе споделила насоки и технички упатства со домашните банки, а услугата ќе биде достапна откако институциите ќе ја потврдат својата техничка подготвеност. Според неофицијални информации, стартот се очекува во септември 2025 година.

Ова претставува важен чекор за дигитализацијата на финансискиот сектор во земјава, кој во последните години бележи значителен раст на електронските плаќања и употребата на мобилни паричници.

Apple поставува основа – банките се подготвуваат

Иако Apple Pay сè уште не е официјално активен во Македонија, техничките подготовки се во завршна фаза. Компанијата веќе ги информирала релевантните партнери, вклучувајќи ги дел од водечките банки за потребните предуслови, безбедносни протоколи и начинот на интеграција во нивните системи.

Со Apple веќе работиме на завршна техничка интеграција. Очекуваме во текот на следните недели да ја финализираме подготовката и да понудиме целосна поддршка за Apple Pay на домашниот пазар“, изјави претставник на една од банките кои активно работат на имплементација.

Што ќе донесе Apple Pay за корисниците?

Apple Pay овозможува брзи, безбедни и бесконтактни плаќања преку iPhone, Apple Watch и останати прифатени уреди. Откако картичката ќе се додаде во Apple Wallet, корисниците ќе можат да вршат плаќања на сите ПОС-терминали кои поддржуваат NFC технологија, без потреба од физичка картичка.

Секоја трансакција е дополнително заштитена со Face ID, Touch ID или лозинка, а податоците за картичката никогаш не се чуваат на уредот, ниту се споделуваат со трговците, што значително го зголемува нивото на безбедност.

Финтек пазарот добива сериозна надградба

Влегувањето на Apple Pay ќе претставува нов импулс за развојот на мобилните плаќања во Македонија, каде што сѐ повеќе корисници бараат дигитални и иновативни решенија. Дополнително, ова ќе поттикне и понатамошна конкуренција меѓу банките и финтек-компаниите, кои ќе се стремат да понудат слични модерни услуги.

Септември 2025 година се профилира како месецот кога оваа долгорочна очекувана услуга конечно ќе им биде достапна на македонските корисници – со што Македонија ќе стане дел од глобалното семејство на земји кои нудат Apple Pay како стандард за бесконтактно и безбедно плаќање.

Иако сè уште нема официјална информација кои банки први ќе го понудат Apple Pay во Македонија, може да се претпостави дека технички подготвените институции ќе бидат меѓу првите. Дел од нив веќе нудат слични дигитални платежни решенија – како Google Pay, Garmin Pay, Halk Pay, Fidesmo Pay и сопствени мобилни паричници. Меѓу нив се вбројуваат Стопанска банка, ПроКредит банка, Халкбанк, НЛБ Банка и Комерцијална банка, кои активно работат на развој на бесконтактни и мобилни услуги, овозможувајќи им на корисниците современо и сигурно искуство при плаќање.