Презадоволни од премиерот. Групата пензионери кои пред два дена дојдоа пред Влада, денеска со грст пофалби кон Мицкоски за синоќешната најава за линеарно покачување на пензиите.

Со христијански крст и знамето со сонцето од Кутлеш, тие денеска во Штип на прес конференција изразија задоволство што Владата ги послушала нивните барања, откако премиерот синоќа најави дека се прави анализа за линеарно зголемување на пензиите од 1.000 денари наесен и исто толку наредната пролет и додаде дека одлуката ќе биде набргу донесена. Запрашани дали им седоволни овие 2000 денари, тие велат – вакво нешто досега немало.

Иако економските експерти и меѓународните институции постојано предупредуваат дека линеарните зголемувања на пензиите без основа можат да ја продлабочат дупката во пензискиот фонд, по доаѓањето на власт лани, новата Влада ги зголеми линеарно пензиите за 5000 денари, на два пати по две ипол во септември и март.

Ова дојде откако пред крајот на владеењето на претходната власт, иницијативниот одбор на овие пензионери организираше протести во целата држава, против процентуалното законско усогласување на пензиите. Иницијативниот одбор на овие пензионери денеска повторно побара оставка од претседателката на Сојузот на пензионери Станка Трајкова, која не се согласуваше со линеарното зголемување. Од одборот велат дека поднеле Закон со кој трајно ќе се решел проблемот со пензиите.

Премиерот Мицкоски синоќа изјави дека се прави анализа и многу скоро, пред распишување на изборите, ќе донесат одлука за покачување на пензиите. Според него, тоа го барале пензионерите со кои се сретнал и кои на сите средби што ги имал со нив, сакале линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите.