Мекграт ова го изјави по повод извештај на пратеници од Европскиот парламент во кој се наведуваат примери на производи што се продаваат преку кинеските платформи „Тему“ и „Шејн“, за кои се тврди дека содржат опасни или небезбедни материи.
– Шокиран сум и сметам дека имаме обврска да ги заштитиме европските потрошувачи – изјави Мекграт за „Гардијан“.
Тој додаде дека ги очекува резултатите од операцијата „таен купувач“, односно поширока истрага преку тајни, анонимни купувања, со цел дополнително тестирање на веќе собраните докази дека кинеските трговци ги заобиколуваат законите на ЕУ, пренесува Б92.
Иако потрошувачките здруженија се загрижени за безбедноста, Мекграт истакна дека е исто така загрижен дека овие платформи за онлајн купување, чие што влијание драматично се зголемило во последните две години, му штетат на локалниот бизнис преку нелојална конкуренција.
– Растот е извонреден и врши огромен притисок врз системите на земјите членки. Одлучен сум да го засилиме спроведувањето на нашите закони за безбедност на производи и правилата за заштита на потрошувачите. Не се работи само за заштита на потрошувачите, туку и за многу сериозен проблем со еднакви услови за сите европски компании, бидејќи од нив се очекува да се натпреваруваат со продавачи што не ги почитуваат нашите правила – изјави Мекграт.
Меѓу најсериозните примери што ги навел се цуцли со монистра кои лесно се одвојуваат, што претставува опасност од задушување бидејќи не поседувале пропишан отвор преку кој бебето, доколку случајно ја проголта една од монистрите, би можело и понатаму да вдишува воздух.
Меѓу другите производи кои ги навеле европратениците во извештајот објавен овој месец се и детски дождовни мантили со токсични хемикалии, очила за сонце без УВ-филтер и детски шорцеви со врвка за стегање подолга од дозволената, што претставува опасност од сопнување.
Податоците на ЕУ покажуваат дека секојдневно во Унијата влегуваат 12 милиони производи со мала вредност, што изнесува 4,6 милијарди пратки под 150 евра за 2024 година – двојно повеќе од 2023 и трипати повеќе од 2022 година.