Во тек се нови решенија кои ќе го поддржат намалувањето на цените на банкарските услуги и ќе овозможат поквалитетни и подостапни финансиски производи за сите граѓани, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, преку објава на платформата X.

Во објавата, гувернерот нагласува дека финансиската инклузија не е крајна цел, туку средство за градење поотпорна и подинамична економија. – Поевтини банкарски услуги се еднакви поголема финансиска инклузија. Тоа не е само статистика, тоа е предуслов за економски раст, стои во објавата.

Според најновите податоци на Светската банка, земјава е на врвот во регионот според поседување на банкарска сметка кај лица постари од 15 години, со опфат од 84 проценти во 2024 година. Тоа е највисока стапка меѓу земјите од Западен Балкан, но сепак под нивото на развиените економии каде стапката се приближува до 100 проценти.

Гувернерот подвлекува дека понатамошниот напредок зависи од достапноста, разбирливоста и прифатливоста на финансиските услуги, особено за ранливите категории граѓани.

Image