Barclays стана најновата британска банка што ја напушти Алијансата за нето нула емисии во банкарството (Net Zero Banking Alliance), соопшти банката во петокот, објаснувајќи дека заминувањето на повеќе глобални банки ја направило организацијата неспособна да ја поддржи зелената транзиција.

Одлуката на Barclays доаѓа по повлекувањето на HSBC и неколку големи американски банки, што отвора прашања за способноста на оваа група и понатаму да има влијание врз климатските промени во финансискиот сектор.

„По внимателно разгледување, решивме да се повлечеме од Алијансата за нето нула емисии во банкарството,“ стои во соопштението на веб-страницата на Barclays.

Банката додаде дека нејзината обврска да стане нето нула до 2050 година останува непроменета, и дека во транзицијата кон зелена енергија гледа значајна деловна можност за себе и за своите клиенти.

Оваа недела Barclays ја објави првата ажурирана стратегија за одржливост во изминатите неколку години, наведувајќи дека во 2024 година остварила приходи од 500 милиони фунти преку финансирање на одржливи и нискојаглеродни проекти.

Од невладината организација ShareAction, Жан Мартин ја оцени одлуката како „исклучително разочарувачка и чекор во погрешна насока во време кога опасностите од климатските промени драматично се зголемуваат“.

Barclays објасни дека со заминувањето на најголем дел од глобалните банки, организацијата „повеќе нема членство што може да ја поддржи нашата транзиција“.

Алијансата за нето нула, глобална иницијатива предводена од Програмата на Обединетите Нации за финансии и животна средина, и понатаму на својата веб-страница наведува повеќе од 100 членки, меѓу кои и водечки меѓународни финансиски институции.

Портпарол на алијансата изјави дека таа останува фокусирана на „поддршка на своите членови во надминувањето на пречките кои ги спречуваат нивните клиенти да инвестираат во транзицијата кон нето нула емисии“.