Во време на голема економска криза, кога обичниот граѓанин не може да ги подмири основните потреби, зголемените апетити на директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Саше Најдески и неговите блиски партиски другари по стапките на нивните претходници продолжуваат со расипничко трошење пари од охриѓани за точење гориво на неисправни возила, како и неправилности во начинот на користење на службените и приватните возила, градежните машини итн. – реагираат од партијата Левица.
– Имено, во ова јавно претпријатие кое 18 години работи со блокирана сметка, за неиспраавни возила се потрошени приближно 27.000 литри дизел гориво и за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција се потрошени 10.000 литри дизел гориво. Дополнително, повеќе пати во кратки временски периоди се требувани и исти резервни делови за исто возило, без соодветна документација и без налози за извршениот сервис на возилата. Во ревизорскиот извештај, кој е спроведен во 2023 год, а одекна во јавноста во 2025 година, се наведува дека во месечните прегледи за потрошувачка за 90% од возилата не се евидентира поминатата километража и просечната потрошувачка на гориво, стои во дописот до медиумите од локалниот огранок на политичката партија Левица, од каде велат дека најостро го осудуваат ваквиот начин на неодговорно однесување, ненаменско и нерационално користење на јавните средства од страна директорот Сашо Најдески, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, кој функцијата ја извршува од 2021 година, во соработка со нивните блиски партиски другари.