Турската управа за земјоделски култури ги објави официјалните цени за набавка на лешници за сезоната 2025-2026. Според објавата, утврдена е цена од 200 турски лири (4,24 евра) за килограм лешници со врвен квалитет, односно 195 лири (4,13 евра) за килограм лешници со послаб квалитет. Ова претставува пораст од 51,5 проценти и 50 проценти во споредба со минатогодишните цени, како што пренесе интернет порталот „Туркије Тудеј“.
Ваквата одлука на Управата е директно поврзана со драстичното намалување на родот на лешници, што во најголема мера е предизвикано од мразот кој ги зафати насадите во април.
Во исто време, аналитичарите предвидуваат дека годинешниот принос на лешници во црноморскиот регион би можел да се намали под 400.000 тони, што е значително под стандардното ниво од околу 800.000 тони.
Турција обезбедува приближно 70 проценти од глобалната понуда на лешници. Се очекува дека порастот на цените ќе има влијание врз производителите на чоколадо, како што е италијанската компанија „Фереро“, која користи лешници како основна состојка во своите слатки производи и откупува околу една четвртина од турското производство на лешници.