Изборите се распишаа а работниците и понатаму водат битка за минималец од 500 евра. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ниту еден пратеник од денот на поднесување на нивната инциијатива за минимална плата не ги контактирал синдикалците.
Од ССМ велат дека ќе продолжат да ги застапуваат работниците и ги потсетија пратениците дека тие се избраници на народот односно работникот.
Дека пари има но дека се лошо распоредени зборува и фактот што за локалните избори ќе бидат потрошени безмалку 10 милиони евра а работникот ќе бара чаре да преживува. Барањето на работниците преку ССМ, за раст на минималната плата во Македонија, е оправдано според сите факти и споредби затоа што минималната плата во Македонија е најниска во споредба со минималната плата во регионото и во ЕУ.
Прашањето за минимална плата од 500 евра и за усогласување на останатите плати било отворено на седницата на Економско-социјалниот совет кој заседаваше по неколкумесечна пауза, но ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата.
Oд Организацијата на работодавачите, пак, тврдат дека сега не е време за зголемување на минималната плата.