Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард преку писмо до јавноста прашуваат како после пет години од аферата со затворањето на банката и отворениот стечај, уште нема обвинение за ниту еден одговорен во афера од толкави размери.
„На 12 август 2020 година, со одлука на Народната банка, банката што со години им служеше на илјадници луѓе – пензионери, работници, мали бизниси и локални производители – беше затворена преку ноќ. Во стечајната постапка останавме со документи, но без пари. Со ветувања, но без правда. Со институции, но без одговорност.
Цели пет години подоцна, истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал сè уште тапка во место. Пет години поминаа, а немаме ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште. Само молк. Само време што истекува. Само надеж што сè посилно бледнее. Почнуваме да се прашуваме – дали Обвинителството ја води оваа истрага за навистина да ја доведе до крај, или токму за да не ја доведе?“,прашуваат штедачите.
Во прилог на ова тврдење,од таму велат дека има и јавни изјави на сопственикот Трифун Костовски за незаконско префрлање на депозити, како и споменати фирми поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции.
„Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници.
На секој повик дека Здружението треба да се расформира затоа што дел од штедачите биле обештетени, со гордост одговараме: ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој внимателно испланиран криминал, единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме. И нема да замолчиме“,гласи соопштението испратено до јавноста.
Здружението тврди дека се работи за криминал со вкупна сума од 50 милиони евра кој треба да биде процесуиран од државата.