ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ п.о. – Скопје во 2023 година реализирало само 66 отсто од планираниот физички обем на производство на техничко и огревно дрво. Со акумулирани обврски во износ од 1.074.644 илјади денари, односно приближно 17,5 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткорочниот кредит за исплата на плати, претпријатието се соочува со сериозни финансиски потешкотии, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето, велат од Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ова Јавно претпријатие.

Ревизорите констатирале неправилности и неусогласености во работењето на Јавното претпријатие и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Од ДЗР посочуваат дека биолошките средства не се вреднувани по нивната објективна вредност, односно не се намалени или обезвреднети за површините кои се наоѓаат во границите на Националниот парк Шар Планина и се уредени со посебни шумско стопански планови, како и површините кои биле зафатени од шумски пожари во кои целосно е уништен шумскиот фонд.

-На крајот на 2023 година, јавното претпријатие има искажано обврски спрема Буџетот на државата за проширена репродукција во износ од 450.844 илјади денари, односно 7.307.000 евра, додека за проста репродукција не е отворена посебна сметка и не се уплатени средствата во износ од 250.186 илјади денари, односно 4.055.000 евра. Истовремено, претпријатието побарува 164.275 илјади денари од државата односно 2.662.000 евра по основ на учество во акцијата „Ден на дрвото“, се наведува во соопштението од ДЗР.

Со извршената ревизија било утврдено дека 95 отсто или 37.672 илјади денари од побарувањата од вработени, потекнуваат од период пред 2018 година и се однесуваат по основ на: кусоци на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење на угостителски услуги и друго.

-Поради не преземени мерки за нивна наплата и општиот рок на застареност, постои голема неизвесност, износот од 36.460 илјади денари, односно 590.920 евра (до 5 и над 5 години) да не се наплати, утврдиле ревизорите.

Во финансиските извештаи на ЈП „Национални шуми“, со состојба 31.12.2023 година, кај материјални средства во подготовка ревизорите констатирале дека не е утврдена фактичката состојба и неправилно се евидентирани инвестиции за износ од 16.463 илјади денари.

– Инвестиционите вложувања во износ од 2.226 илјади денари, потекнуваат од минати години, започнати пред формирање на претпријатието и се однесуваат на инвестициони објекти во подружниците „Бигла“ Демир Хисар (подземен резервоар за гориво) и „Равна река“ Пехчево ( бесправна градба на шумска куќа), кои се без обезбедена веродостојна документација за кои не е утврдена фактичката состојба, односно не е направена проценка за оправданост за продолжување на инвестициите, велат од ДЗР.

Ревизијта утврдила дека седум пластеници со вредност од 12.785 илјади денари , иако се во употреба од 2004 година, погрешно се водат како средства во подготовка, без да се пресметува амортизација, додека набавениот тресет во вредност од 1.452 илјади денари се класифицира како инвестиција наместо како залиха, што е спротивно на сметководствените начела и стандарди. Овие слабости, како што се посочува во соопштението, го нарушуваат принципот на точност и реалност на финансиските извештаи и имаат директно влијание врз финансискиот резултат на претпријатието.

Од страна на ЈП „Национални шуми“ п.о. – Скопје , вложени се средства во износ од 7.374 илјади денари при основањето на две придружни друштва , кои во 2005 година се издвоиле од јавното претпријатие.

-Друштвото за пиланско производство и преработка на дрво не постои во Трговски регистар од 2020 година , а кај Друштвото за одгледување и производство на риби, по неговото издвојување од јавното претпријатие, настанати се трансформации, односно е извршен пренос на уделот од вложувањето, променет е називот на друштвото и истото е во владение на друго приватно правно лице, велат од ДЗР.

Јавното претпријатие, како што посочуваат од ДЗР, во својата архива не располага со списите од таа постапка, но со увид во регистарот на АКН, промената на недвижниот имот е запишана во 2016 година, со право на сопственост во ИЛ број 243 на КП 375/1 за КО Кленоец Кичево во корист на приватното правно лице.

Ревизијата утврдила неправилности во однос на исполнување на одредбите од договорите за работа, каде од вкупно 355 вработени на неопределено време, 73 отсто или 259 вработени кои се примени на работни места сечачи, дотурачи, редачи и шумски работници, не ги извршуваат работните задачи утврдени согласно договорите, туку извршуваат административни работи и работни задачи во дирекција или подружница.

-Во 2023 година во ПШС „Шумарство“ Свети Николе по барање од страна на  раководителот на подружницата и дадено овластување, склучен е договор за  купопродажба на дрвни сортименти на пенушка во износ од 2.561 илјади денари  со вклучен ДДВ, за дабово огревно дрво и сеченица, на нетранспарентен начин  без утврдени критериуми за избор на правното лице, ниту е побарана  документација која треба да ја поседува за вршење шумско културни работи и нејзина верификација, што значи отстапување од стандардната постапка, со ризик  од склучување договори со субјекти кои немаат соодветни капацитети, знаење или стручност за правилно и ефикасно стопанисување и експлоатација на шумските ресурси, констатирале ревизорите.

Во ревизорскиот извештај е посочено дека значителното отстапување на реализација на планот за производство на техничко и огревно дрво, како и на финансискиот план на приходите од продажба на техничко и огревно дрво се поврзани со недоволна и застарена  механизација, ограничен број стручен и технички персонал, ограничена отвореност на шумските комплекси, како и оддалеченост на терените.

-Дополнително, претпријатието со сопствени ресурси извршува само 42,45 отсто од  фазата на сеча, 34,04 отсто од дотурот и 32,13 отсто од фазата на превоз, што значи дека над 50 отсто од производниот процес е зависен од ангажирање на надворешни извршители, се наведува во соопштението.

Според ДЗР, иако електронскиот систем за следење на дрвната маса набавен во износ од 32.518 илјади денари и тековно месечно одржување од 167 илјади денари е воведен во употреба од 2017 година и технички поставен на платформата на Македонски Телеком АД Скопје, со обезбеден VPN пристап за ЈП „Национални шуми“ п.о. – Скопје, истиот во пракса не се користи од страна на субјектите (Државниот инспекторат за шумарство и ловство и шумската полиција), ниту се имплементирани сите фази на следење на дрвната маса, што ја ограничува можноста за контрола, следливост и транспарентност во управувањето со дрвната маса – од сеча до крајна продажба.

-Ревизијата извести и за недоволна заштита на шумите (преземање на активности соодветни за превенција и управување со ризиците од појава на пожари во шумите) и системски слабости во справување со ризиците од болести, пожари и бесправна сеча, делумна реализација и ограничена ефикасност во користењето на средствата од Програмата за проширена репродукција на шумите за 2023 година, се вели во соопштението.

Финансиските показатели за 2023 година, односно вкупните обврски од 1.074.644 илјади денари или 17.417.000 евра, продолжената зависност од револвинг краткорочниот кредит за исплата на плати, како што велат ревизорите, упатуваат дека претпријатието е изложено на зголемен ризик од намалена ликвидност на претпријатието, поради што е неопходен план за финансиска стабилност, проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за отплата на обврските, намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, како и приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на јавното претпријатие.

За надминување на утврдените состојби ревизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.