Во пазарно стопанство, владата може да интервенира кај цените, но тоа не е долгорочно решение – бизнисмените со јасна порака до надлежните. Излезот од скапотијата на храната го гледаат во зголемувањето на домашното земјоделско производство …
Нашиот пазар е либерален и не може да стопираме влез на странски производи во Македонија. Но, со купувањето домашни производи, потрошувачите ги стимулираат производителите за поголемо производство, укажуваат од Комората на северозападна Македонија. Оттаму предупредија и дека владините интервенции кај цените не даваат резултат на долг рок.
Купувањето домашни производи ќе се стимулира преку кампањата „Македонско најдобро, наша традиција, наша гордост“.
Стопанската комора на северозападна Македонија прифати да биде дел од кампањата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за промоција на домашното земјоделско производство. На средбата меѓу претставниците на министерството и стопанската комора, се разговарало за тоа како да се стимулираат домашните производители да произведуваат повеќе храна, како да се информираат и стимулираат купувачите да купуваат повеќе македонски производи, но и за тоа како производството да се пласира на пазарот.
Македонските производи ќе бидат означени, за потрошувачите полесно да ги препознаат. Во дел од маркетите веќе се поставуаат соодветните ознаки.
Цел на кампањата е зголемување на обемот на производство на македонски земјоделски продукти, за домашниот пазар, но и за извоз, што ќе предизвика раздвижување на македонската економија.